İdiris Okuduci
30 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
БЕЈРУТ (АА) - Премиерот на Либан, Наџиб Микати, доцна синоќа го повика министерот за информации да донесе соодветна одлука земајќи ги предвид националните интереси во врска со последниот спор со Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Кабинетот на премиерот кажаа дека Микати се консултирал со претседателот Мишел Аун откако Саудиска Арабија ги прекинала дипломатските односи со Бејрут и го стопирала сиот увоз откако министерот за информации на Либан, Џорџ Кордахи, упатил критики за воените дејствија предводени од Саудиска Арабија во Јемен против вооружените бунтовници Хуси.
Микати му наложил на министерот за надворешни работи, Абудла Боу Хабиб, да не патува во странство и да формира кризен штаб за да се реши прашањето со Саудиска Арабија.
Саудиската новинска агенција (СПА) објави дека вчера, Саудиска Арабија го повикала нејзиниот амбасадор во Либан на консултации и побарала либанскиот амбасадор да го напушти Кралството во рок од 48 часа.
Тоа беше поттикнато од коментарите на Кордахи против Ријад во телевизиско интервју за кое се вели дека е снимено пред тој да ја преземе функцијата во новиот состав на Владата на чие чело е Микати.
На прашањето дали „смета дека Хусите, како Хезболах, ја бранат својата земја од вооружена организација“, Кордахи одговори: „Секако дека тие се бранат. Моето лично мислење е дека оваа војна во Јемен мора да заврши. Куќите, зградите, селата и градовите се нападнати од борбени авиони.“
Во извештајот на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија пренесено од СПА, беше кажано дека Хезболах ги нарушил односите помеѓу Ријад и Бејрут и дека „терористичката“ група влијае на одлуките на Либан.
За да ја избегне кризата, Микати рече дека Кордахи дал коментар пред да ја преземе функцијата и дека тоа не го рефлектира ставот на Владата.
Тој додаде дека забелешките на ниту еден начин не ја покажуваат политиката на Либан со арапските земји, особено со Саудиска Арабија.
Јемен е средиште на насилство и нестабилност од 2014 година, кога Иран ги поддржа бунтовнците Хуси кои презедоа голем дел од државата, вклучително и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, насочена кон враќање на Владата на Јемен, ја влоши ситуацијата и предизвика една од најголемите хуманитарни кризи што ги предизвикал човекот.