Ahmed Asmar
25 Октомври 2024•Ажурирај: 26 Октомври 2024
ГАЗА (АА) – Денеска израелската армија изврши рација во болницата „Камал Адван“ на северниот дел на Појасот Газа и го приведе нејзиниот директор на сослушување, известува Анадолу.
„Израелските сили извршија рација во болницата ‘Камал Адван’ и му наредија на нејзиниот директор Хусам Абу Сафија да оди во дворот на болницата за да се сретне со командантот на израелските инвазивни сили на испрашување“, изјави за Анадолу официјален претставник на Министерството за здравство во Газа, Махер Шамије.
Шамије рече дека израелската армија ги чува сите пациенти и медицинскиот персонал во соба во болницата, без да даде информации за нивната судбина.
Израелската армија приведе десетици Палестинци евакуирани од болницата, принудувајќи ги да се соблечат до боксерки и да се соберат на отворен простор по ова студено време.
Шамије ги повика меѓународните организации и Обединетите нации веднаш да интервенираат за да го заштитат медицинскиот персонал и пациентите и да извршат притисок врз израелската армија да се повлече од болниците во северниот дел на Појасот Газа.
Претходно Министерството за здравство во Газа соопшти дека изгубило контакт со медицинскиот персонал во болницата „Камал Адван“ по упадот на израелската армија.
Израелската војска претходно тврдеше дека нејзините сили „оперираат во областа на болницата ‘Камал Адван’ во Џабалија, врз основа на разузнавачки информации за присуство на терористи и терористичка инфраструктура во подрачјето“.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Во израелските напади убиени се повеќе од 42.800 Палестинци, главно жени и деца, а над 100.500 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.