AP
07 Февруари 2018•Ажурирај: 08 Февруари 2018
ЏАКАРТА (АА) - Мажјак орангутан почина на островот Борнео, откако беше застрелан најмалку 130 пати од воздушна пушка, што претставува второ убиство на овој загрозен вид во индонезискиот дел од островот од почетокот на годината, јавува Anadolu Agency (AA).
Ранетиот орангутан во неделата беше пронајден од страна на локалните жители на областа Кутаи Тимур во провинцијата Источен Калимантан.
Полицискиот официјален претставник Теди Ристијава во средата рече дека големиот човеколики мајмун бил сѐ уште жив кога во понеделникот бил пренесен во болница во Бонтунг.
Центарот за заштита на орангутани соопшти дека животното починало во вторникот изутрина.
Во соопштението се наведува дека рендгенските снимки покажале најмалку 130 прострелни рани на неговото тело, од кои 70 биле во главата.
Орангутаните се заштитен вид во Индонезија и Малезија, но со чистењето на шумите во голема мера е намалено нивното живеалиште.
Борнео кој во Индонезија се вика Калимантан, е трет по големина остров во светот (по Гренланд и Нова Гвинеја).
Се наоѓа на средината од индонезискиот архипелаг, а политички е поделен помеѓу Индонезија, Малезија и Брунеј.