Alyssa Mcmurtry
14 Ноември 2024•Ажурирај: 15 Ноември 2024
ОВИЕДО (АА) - Обилните врнежи продолжуваат да предизвикуваат значителни нарушувања на животот во Шпанија, а земјата го доживува својот втор моќен систем на бури за две недели, јавува Анадолу.
Вчера, невремето предизвика големи поплави, особено околу Малага.
Болницата во Малага беше поплавена и мораше да ја прекине во поголем дел работата. Над 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови, а полицијата спроведе 30 спасувачки мисии.
Во подрачјето е причинета материјална штета и откажани се летови, автобуси, железнички услуги и наставата, но немаше загуба на животи.
„По она што се случи во Валенсија, граѓаните сфатија дека треба да реагираат на предупредувањата со дисциплина и соработка“, изјави градоначалникот на Малага, Франциско де ла Торе, за РТВЕ.
На 29 октомври, катастрофални поплави се случија во провинцијата Валенсија и други области, во кои, според последните податоци, загинати се најмалку 224 луѓе.
Поплавите сега се сметаат за најлошата природна катастрофа во поновата историја на Шпанија, за која централната влада веќе најави околу 14 милијарди долари помош за обнова.
Делот од Валенсија најуништен во октомвриските поплави за синоќа се подготвуваше за пообилни врнежи. Но, „нултата точка“ на поплавите успеа да ги избегне поројните дождови кои можеа да предизвикаат дополнителен хаос, особено поради затнатите канализациски системи со огромни количини кал од претходните поплави.
Меѓутоа, во делови од Валенсија имаше поплави и обилни дождови до 90 литри на метар квадратен за само два часа.
Денес, настава не се одржува во одредени делови на Валенсија, како и низ провинциите Гранада, Хуелва, Кадиз и Севиља, бидејќи системот на бура се префрла кон западна Андалузија.
Утрово беше укинато црвеното предупредување за Валенсија и Малага
Иако медитеранската област е навикната на поплави и силни бури, експертите велат дека овие настани ќе станат сè почести и помоќни, „благодарение“ на климатските промени.
За време на говорот на КОП29 оваа недела, шпанскиот премиер Педро Санчез ја стави вината за смртта на над 220 негови сонародници на климатските промени и повика на акција за ограничување на емисиите на стакленички гасови.
„Да не одолговлекуваме. Знаеме што е проблемот и што треба да се направи. Видовме како владите се колебаат и одат наназад само за да ги направат богатите побогати. Оваа формула нѐ води кон катастрофа“, рече тој.