Laura Gamba Fadul
22 Април 2023•Ажурирај: 23 Април 2023
БОГОТА (АА) - Поранешниот претседател на Перу, Алехандро Толедо, (77) вчера им се предаде на американските власти поради обвинението за корупција во својата земја, пренесува Анадолу.
Толедо е баран од перуанското судство уште од 2018 година, бидејќи наводно примил повеќе од 25 милиони долари од бразилската градежна компанија „Одебрехт“ во замена за помош при добивањето дозволи за јавни работи.
Хорхе Барата, поранешен директор на „Одебрехт“ во Перу, сведочеше пред перуанските обвинители дека градежната компанија му платила 20 милиони долари на Толедо во замена за давање дозвола за изградба на делницата „Јужен меѓуокеански автопат“ (Interoceánica Sur). Договорот за изградбата на овој автопат, што ги поврзува Перу и Бразил, потпишан е во август 2005 година.
Поранешниот претседател, кој ја извршуваше оваа функција од 2001 до 2006 година, ги негира обвинувањата и поднесе неколку петиции за блокирање на неговата екстрадиција што Вашингтон ја одобри во февруари.
Толедо беше во притвор во Калифорнија од јули 2019 до март 2020 година, кога е ставен во домашен притвор. Откако американскиот суд ја одби жалбата на Толедо да се спречи неговата екстрадиција во Перу, одлучено е поранешниот претседател на оваа држава да им биде испорачан на калифорниските власти.
Ова не е првпат поранешни лидери на Перу да заминат во затвор. Уште четворица поранешни претседатели се соочуваат со кривично гонење за корупција, Ољанта Умала, Педро Пабло Куцзyнски, Мартин Вискара и Педро Кастиљо.