Michael Hernandez
13 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Барак Обама, изјави дека мотивот на „најкрвавиот вооружен напад во американската историја” сè уште е непознат, но дека Федералното истражно биро (ФБИ) случајот го третира како терористички чин, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сè уште не дојдовме до заклучок кој би можел да биде мотивот на напаѓачот. И понатаму собираме информации и водиме отворена истрага, но едно е сигурно, дека напаѓачот бил полн со омраза”, изјавил Обама во обраќањето кон нацијата по вчерашниот вооружен напад во ноќен клуб во Флорида во кој се убиени најмалку 50, а ранети 53 лица.
Полициски официјални лица од градот Орландо, во кој се случи нападот, соопштија дека напаѓачот е идентификуван како Омар Матин, а неговата поранешна сопруга Ситора Јусуфиј синоќа рече дека Матин бил „нестабилен” и „ментално болен”.
„Во почетокот беше нормален лик кој се грижеше за семејството и сакаше да се шегува и забавува. Но, по неколку месеци брак увидов дека тој е нестабилен. Сфатив дека има биполарен карактер и знаеше од ништо да се налути. Тогаш почнав да се грижам за својата безбедност”, рече Јусуфиј.
Истакнувајќи дека тој ја малтретирал и физички и психички, Јусуфиј рече дека од тој брак се извлекла и спасила со помош на нејзината фамилија.
На местото на нападот во тек е опсежна истрага за деталите на еден од најкрвавите напади во историјата на САД. Истрагата се води со зајакнати мерки на безбедност.
Синоќа стотици луѓе се собраа пред ноќниот клуб во кој беше извршен нападот за да им одадат почит на настраданите.
Во знак на почит кон жртвите синоќа во Њујорк е изгаснато светлото во комплексот на зградата The Empire State Building.