Safvan Allahverdi
30 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американското Министерство за надворешни работи (Стејт Департмент) објави дека од Кина, поради коронавирусот, се евакуирани дипломатите, како и други државјани што биле во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА)
Информацијата ја потврди портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус. Како што изјави таа, американските дипломати и граѓани со авион се евакуирани од Вухан и слетале на аеродромот во Калифорнија.
Ортагус изјави и дека патниците поминале медицински преглед на аеродромот.
Таа напомена дека се преземени сите потребни мерки за заштита на здравјето на американските граѓани надвор и во земјата и ги предупреди американските граѓани да не одат во Кина, посебно во регионот Вухан.
Бројот на починати како последица на новооткриениот коронавирус во Кина е зголемен на 170.
Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека досега е потврдена дијагноза на зараза со вирусот 2019-nCoV кај 7.111 пациенти низ Кина, исклучувајќи го Тибет. Меѓу заболените, 1.370 лица се во критична состојба.
Поради сомнеж дека се заразени од коронавирусот, во Кина под надзор се 81.947 лица што биле во контакт со заразените.
Само во последните 24 часа во земјата се откриени 1.737 нови случаи на заразени, а починаа 38 лица. Од болниците во Кина отпуштени се 124 пациенти кои се излечени по заразата.
Коронавирусот се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, административниот центар на провинцијата Хубеи.
Министерството за образование на Кина ги продолжи новогодишните празници и го пролонгираше почетокот на наставата во училиштата.
Меѓу бројните мерки, што кинеските власти ги спроведуваат за да се спречи ширењето на коронавирусот, се и запирање на јавниот превоз во 17 најзагрозени градови.