Mahmut Geldi
14 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
БЕЈРУТ (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео престојува во официјална посета на Ријад, каде што разговараше за регионалната ситуација со саудискиот крал Салман бин Абдулазиз, јавува Anadolu Agency (AA).
Кралот Салман го прими шефот на американската дипломатија, Помпео, во палатата „Јемаме“ во Ријад, а Саудиската новинска агенција (SPA) јавува дека темите на разговорот биле од билатерален и регионален карактер.
По состанокот со кралот Салман, првиот човек на американскиот Стејт департмент се состана и со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман.
Саудиската новинска агенција (SPA) јавува дека принцот Бин Салман го примил Помпео во кабинетот во палатата „Јемаме“, и дека разговарале за стратешките саудиско-американски односи и заедничките напори за решавање на регионалните и глобални кризи.
Од американската Амбасада во Ријад е соопштено дека Помпео и принцот Бин Салман постигнале согласност за неопходност од сеопфатно политичко решение на кризата во Јемен, како единствен можен начин да се запре војната во таа заливска земја.
Во рамките на турнејата во тој регион, Помпео пред доаѓањето во Саудиска Арабија ги посети и Обединетите Арапски Емирати, Египет и Катар.