Sayed Khodaberdi Sadat
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
КАБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека е остварен напредок во авганистанските мировни преговори кои делегацијата на Соединетите Американски Држави (САД) ги води со талибанското движење, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на американската дипломатија, Помпео, го посети главниот град на Авганистан, Кабул.
Тој за новинарите во американската Амбасада во Кабул изјави дека САД се подготвени на повлекување на својата војска од Авганистан.
Истакнувајќи дека Вашингтон има желба сите проблеми во Авганистан да ги стави на преговарачка маса, Помпео изјави дека моментално американската делегација се обидува да ги увери талибанските соговорници дека е време да започнат и директни мировни преговори со делегацијата на Владата на Авганистан.
„Остварен е напредок во преговорите со талибанците. Очекуваме договорот да биде постигнат во наредните три месеци“, изјави Помпео, и додаде дека американската делегација за сите детали од преговорите ќе ја известува авганистанската Влада.
Помпео ги повика властите на Пакистан да го поддржат мировниот процес во Авганистан.
„Пакистан има важна улога во регионот и очекуваме активно да се вклучи во процесот. Мирот со талибанците би бил корисен за целиот регион. И Иран мора да биде свесен дека обидите за блокирање на мировниот процес во Авганистан не можат да донесат ништо добро“, заклучи Помпео.