Zuhal Demirci
29 Април 2022•Ажурирај: 01 Мај 2022
ЛОНДОН (АА) - Полска и балтичките држави Латвија, Естонија и Литванија повикаа на зајакнување на постојаното присуство на НАТО во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на МНР на Латвија се наведува дека министерот за надворешни работи, Едгарс Ринкевич, во главниот град Рига се сретнал со естонската министерка за надворешни работи, Ева-Марија Лиметс, со шефот на литванската дипломатија, Габриелиус Лендсбергис, и со полскиот министер за надворешни работи, Збигниев Рау.
Исто така, се наведува дека на средбата министрите за надворешни работи разговарале за прашањата за соработка за зајакнување на безбедноста на регионот и поддршка на Украина.
Министрите, исто така разменија мислења за клучните прашања за трансатлантската безбедност пред Самитот на НАТО што ќе се одржи во Мадрид, Шпанија, на крајот на следниот јуни.
„[Министрите] ја истакнаа потребата силите на НАТО да го зајакнат и прошират своето постојано присуство во источното крило на Алијансата. Министерот за надворешни работи на Латвија, Ринкевич, истакна дека актуелните промени во безбедносната ситуација во регионот бараат повторно фокусирање на политиката на НАТО за безбедноста. Сакаме да обезбедиме постојано присуство на трупите на НАТО во балтичките земји и Полска, што ќе ни овозможи да се спротивставиме на секоја закана што може да дојде од Русија и Белорусија и да ја заштитиме секоја педа од нашата земја“, се вели во соопштението.
- Договорена е поголема соработка во енергетскиот сектор
Во соопштението се нагласува дека министрите се договориле и за поголема соработка во енергетскиот сектор за што поскоро да се постигне независност од руските јаглеводороди.
Меѓу другото, министрите разговарале за најефикасните начини за помош на Украина во нејзината борба против воената агресија на Русија.
„Министрите за надворешни работи се согласни дека испораките на воена опрема и оружје треба да продолжат и да се зголемат“, се додава во соопштението.