Полициски час воведен во повеќе региони во Непал со цел спречување на протестите
Утрово, млади луѓе почнаа спонтано да се собираат во близина на зградата на Парламентот во Њу Банешвар, во Катманду. Тие не носеа никакви транспаренти.

ИСТАНБУЛ (АА) - Непал денес воведе нови наредби за полициски час во обид да ги спречи протестите против забраната за социјалните медиуми и наводната корупција, објави „Катманду пост“, пренесува Анадолу.
Граѓаните повторно можеа да пристапат до своите профили на социјалните мрежи на полноќ синоќа и денес.
Утрово, млади луѓе почнаа спонтано да се собираат во близина на зградата на Парламентот во Њу Банешвар, во Катманду. Тие не носеа никакви транспаренти.
„Вчерашниот инцидент го разоткри неуспехот на Владата. Дојдов тука да застанам покрај младите“, рече еден од учесниците.
Поради безбедносни причини, властите воведоа полициски час во подрачјето на обиколницата во Катманду почнувајќи од 8:30 часот наутро до понатамошно известување. Наредби за полициски час се на сила и во Лалитпур и Бхактапур по насилните судири вчера.
По протестите, министерот за земјоделство и развој на сточарството, Рамнат Адикари, денес поднесе оставка, критикувајќи го авторитарниот одговор на Владата кон демонстрантите.
Во неговата оставка, Адикари го осуди насилното задушување на мирните протести, за кое рече дека ја насочило земјата кон авторитаризам наместо кон демократија.
Вчера, Непал распореди војска по судирите меѓу демонстрантите и полицијата поради забраната за социјалните медиуми и наводната корупција, во кои загинаа 19 лица.
Најмалку 347 лица се повредени, болниците се преполни, а десетици сè уште се во критична состојба. Надлежните сè уште не издадоа соопштение за бројот на жртви.
Министерот за внатрешни работи Рамеш Лехак поднесе оставка истиот ден, преземајќи ја одговорноста за задушувањето на демонстрациите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.