İzzet Taskiran
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Новинарите од Турската државна телевизија (ТРТ) пристигнаа во Турција откако беа ослободени од дополнителните обвиненија и беа пуштени од затворот во Мјанмар, каде што беа осудени на двомесечна затворска казна, јавува Anadolu Agency (AA).
Лау Хон Менг и Мок Чој Лин, новинари на каналот на англиски јазик во „TRT World“, беа затворени на 10 ноември, откако беа уапсени на 27 октомври, поради поседување дрон.
На аеродромот „Ататаурк“ во Истанбул Чој Лин и Хон Менг беа пречекани со цвеќе од вработените во „TRT World“. Малезиската новинарка Мок Чој Лин изјави дека првите две недели од притворот била во многу тешка состојба.
Како што рече, биле затворени во мала ќелија и не гледале никого. Барале дозвола да стапат во контакт со претставниците на амбасадата или со некој адвокат, меѓутоа нивните барања не биле задоволени.
„Немавме контакт со никого. Немаше никој ниту на првото рочиште во ноември“, изјави Чој Лин.
Таа истакна дека за време на судењето се зборувало на локалниот јазик и дека ништо не разбирале. Чој Лин е среќна што се наоѓа во Турција.
Хон Менг изјави дека се наоѓале во непријатни ситуации бидејќи се новинари од турска телевизија.
„Јас сум преведувач и тоа беше мојата работа, меѓутоа бев прогласен за терорист. Јас сум муслиман. А тоа таму има посебно влијание“, рече Хон Менг.
Двајцата новинари од ТРТ пристигнаа во Јангон на 21 октомври со новинарски визи и користеа дрон за снимање различни локации, поради што беа уапсени. Тие беа ослободени на 29 декември.