Bedrudin Brljavac
15 Декември 2024•Ажурирај: 16 Декември 2024
АРУША (АА) - Хаџа или Хаџабе се заштитена домородна етничка група ловци-собирачи во Танзанија, главно со седиште во Барај, административен округ во дистриктот Карату во југозападниот регион Аруша, известува Анадолу.
Живеат околу басенот на езерото Ејаси во централната долина Рифт и на соседната висорамнина Серенгети. Како потомци на домородна популација ловци-собирачи, тие веројатно ја окупирале сегашната територија со релативно мала промена на нивниот првобитниот начин на живот.
Немаат познати блиски генетски роднини и нивниот јазик се смета за јазички изолат, т.е. дека потекнува од јазично семејство кое се состои од само еден јазик.
Од првиот контакт со Европејците кон крајот на 19 век, владите и мисионерите направиле многу обиди да го населат подрачјето во кое се наоѓа ова племе, со воведување на земјоделството и христијанството. Овие напори воглавно пропаднале, а голем број членови на ова племе сè уште водат живот сличен со животот на нивните предци.
- Живеат во групи
Традиционално живеат во групи или кампови од околу 20-30 луѓе, а нивните општествени структури се егалитарни (политичка и социјална еднаквост) и нехиерархиски. Првенствено се хранат со мед, коренест зеленчук, овошје, а во сушниот период со месо.
И покрај сите предизвици, племето Хаџабе успева да го сочува својот древен начин на живот.
Според некои традиции, племето Хаџабе е последната позната формална племенска заедница во светот и тие сè уште живеат како нивните предци пред 50.000 години, обезбедувајќи ја личната егзистенција ловејќи и собирајќи храна.
- Околу 1.200 - 1.300 членови на племето
Според неофицијални податоци, во Танзанија живеат околу 1.200 до 1.300 членови на ова племе.
Нивните предци веројатно живееле на сегашната територија десетици илјади години. Областа во која живеат е на околу 50 километри од клисурата Олдувај, локација која понекогаш се нарекува „лулка на човештвото“ поради бројот на фосили на хоминини пронајдени таму, и 40 километри од праисториската локација Лаетоли.
Археолошките наоди укажуваат дека подрачјето било континуирано окупирано од ловци-собирачи, барем од почетокот на неолит (младо камено доба), пред 50.000 години.