Elena Teslova
10 Јануари 2023•Ажурирај: 11 Јануари 2023
МОСКВА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО се веќе индиректна страна во конфликтот во Украина, каде што нивното учество е очигледно, соопшти денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие де факто станаа индиректна страна во овој конфликт, снабдувајќи ја Украина со оружје, технологија и разузнавање. Значи, нивната вмешаност во овој конфликт е очигледна“, рече Песков на брифингот со новинарите во Москва.
Тој ја осуди „циничната“ и „необјаснива“ реакција на Украина и некои западни држави на едностраниот прекин на огнот на Русија за православниот Божиќ на 7 јануари.
„Ова беше чисто хуманитарно примирје за да може луѓето да се помолат во црквите“, тврди тој.
Поради извештаите за промена на воената хиерархија на Русија, Песков не потврди, ниту негираше дали генерал-полковникот Александар Лапин е назначен за началник на копнените сили на земјата.
„Одредени претседателски декрети се отворени за сите, а други се класифицирани“, рече тој.
„Меѓу оние објавените, не постои таков декрет“, рече тој.
Лапин командуваше со руските војници во Сирија во 2018 и 2019 година, а до минатиот октомври беше задолжен за командниот центар за, како што Москва ја нарекува „специјалната воена операција“ во Украина.
Песков, исто така, одби да потврди дали поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев разговарал во Туркије со поранешниот специјален претставник на САД за преговорите за Украина, Курт Волкер, и со американската државна потсекретарка, Викторија Нуланд, во врска со политичките прашања.
Во врска со одбивањето на Ерменија да дозволи воени вежби на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) на нејзина територија, портпаролот на Кремљ рече дека ОДКБ „ќе ги разјасни деталите за ставот на Ерменија“.
Во врска со извештаите за продажба на руска нафта по помалку од половина од цената на суровата нафта од типот „брент“, Песков рече дека Москва продолжува внимателно да ги следи глобалните цени на нафтата.
Портпаролот на Кремљ, исто така, ги предупреди земјите за какви било потези за запленување руски имот, тврдејќи дека таквите дејства се незаконски според меѓународното право и ќе имаат последици.