Övünç Kutlu
19 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
АНКАРА
„Гугл“ потпиша петгодишен договор со меѓународната новинска агенција „Франс-прес“ (AFP) со седиште во Париз, за плаќање на нејзините содржини на вести, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Договорот станува еден од најголемите спогодби за лиценцирање во информативната индустрија, овозможен со новото законодавство во Франција.
„Договорот се заснова на „надоместокот на соседните права“, според францускиот закон“, се вели во соопштението на АФП, додавајќи дека тоа следува по повеќемесечни преговори во рамките утврдени од Француската управа за конкуренција.
Договорот ќе вклучува и други проекти, вклучително и програма за проверка на фактите, за која наскоро ќе бидат споделени детали.
Новинските агенции со години губат приходи од рекламите на онлајн компаниите, бидејќи популарните платформи за социјални медиуми користат содржини без плаќање.
„Овој договор е признание за вредноста на информациите. Ова ќе придонесе за производство на квалитетни информации и развој на иновации во рамките на Агенцијата“, се вели во соопштението на извршниот директор на АФП, Фабрис Фрис.
„Гугл“ потпиша тригодишен договор со членовите на француската прес-алијанса во јануари, но компанијата беше казнета со 500 милиони евра (568 милиони долари) од Француската управа за конкуренција во јули поради неуспехот да преговара „со добра волја“ поради употребата на содржината за авторски права.