Barış Seçkin
25 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
ВАТИКАН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, му порача на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, дека можат да ја преземат конструктивната улога за мирот во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на медиумите блиски на Ватикан, папата Франциск му упатил празнична честитка на патријархот Кирил по повод празникот Велигден.
Папата во својата порака ја спомена и војната во Украина.
„Драг брате, нека Светиот дух ги преобрази нашите срца и направи од нас вистински миротворци, особено за Украина, која е разурната од војна“, порача папата и изрази надеж дека темнината на војната во Украина ќе заврши.
Папата Франциск и патријархот Кирил требаше да се сретнат на 14 јуни во Кудс, но и двете страни соопштија дека состанокот е откажан поради актуелната ситуација во Украина, која е погодена од војна.
Актуелните поглавари на христијанската црква прв пат се сретнаа во 2016 година во Куба и тоа воедно беше првата средба меѓу папата и водачот на Руската православна црква од расколот помеѓу Источната и Западната црква во 1054 година.
Тие двајца и на 16 март оваа година разговараа по пат на видеоконференција, а тема беше ситуацијата во Украина, која е погодена од војна.