Qais Omar Darwesh Omar,Mahmut Geldi
15 Јули 2022•Ажурирај: 16 Јули 2022
ВИТЛЕЕМ (АА)
Американскиот претседател Џо Бајден, кој се наоѓа во Палестина во рамките на неговата посета на Блискиот Исток, се соочи со протести во Витлеем и во Источен Ерусалим (Источен Кудс), јавува Агенција Анадолија (АА).
Десетици Палестинци во градот Витлеем одржаа демонстрации со транспаренти на кои пишуваше „Сакаме правда“ и пораки со реакции кон Бајден за поддршката на Израел.
Палестинскиот активист Јусуф Ачха во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече: „Ја отфрламе посетата на Бајден, не сакаме да биде тука.“
Наведувајќи дека американскиот претседател со неговите изјави застанал на страната на Израел, Ачха рече: „Палестинскиот народ во сите сегменти ја отфрла оваа посета. Не очекуваме ништо позитивно од посетата на Бајден.“
Од друга страна, демонстрантите во окупираниот Источен Ерусалим одржаа демонстрации барајќи правда за Абу Аклех, новинарката на „Ал Џезира“, која беше убиена од израелски куршум на 11 мај на Западниот Брег.
За време на посетата на Бајден на болницата „Аугуста Викторија“, која обезбедува здравствени услуги за Палестинците во Газа и Западниот Брег со тешки болести како што е ракот, Палестинците носеа фотографии од новинарката Абу Аклех.
- Убиството на новинарката на „Ал Џезира“, Абу Аклех
Абу Аклех (51), репортерката на телевизијата „Ал Џезира“, беше убиена од оган отворен од израелски војници на 11 мај, во времето кога ја следеше рацијата на израелските сили во бегалскиот камп во градот Џенин на Западниот Брег.
Новинарката Абу Аклех беше убиена од страна на израелските војници, и покрај тоа што носеше челичен елек со натпис „прес“, што предизвика многу остри реакции.
Спротивно на заклучокот од истрагите на голем број меѓународни институции, како и на палестинското Државно обвинителство, Израелската армија не ја прифати одговорноста за убиство на новинарката.