Ekipa
23 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
РАМАЛА (АА) - Палестинските власти денес ја повикаа американската администрација да интервенира за запирање на израелските провокации во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
Одреден број израелски доселеници влегоа во петокот во џамијата „Ал-Акса“ во Источен Кудс, првпат по три недели.
Во изјавите пренесени од палестинската новинска агенција „Вафа“, портпаролот на палестинската администрација, Набил Абу Рудеине, истакнува: „Израелската поддршка на радикалните доселеници значи блатантно непочитување на арапските и меѓународните напори за запирање на [израелската] агресија.“
Тој предупреди дека „израелските рестрикции и опсадата на квартот Шеик Џарах во Ерусалим и континуираните рации во комплексот на џамијата Ал-Акса можат да ја вратат ситуацијата повторно кон ескалација и тензии“.
Абу Рудеине рече дека Израел ги саботирал американските и египетските напори „за стабилизирање на примирјето и подготовкиte за обнова на Појасот Газа“.
Тензиите на палестинските територии ескалираа од минатиот месец поради одлуката на израелскиот суд за присилно иселување на палестинските семејства од нивните домови во квартот Шеик Џарах во корист на еврејските доселеници. Ситуацијата се влоши откако израелските сили влегоа во џамијата „Ал-Акса“ и ги нападнаа верниците што се наоѓаа внатре.
Потоа тензиите се проширија во Појасот Газа, Израел започна со воздушни напади во кои загинаа најмалку 248 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени, а повеќе од 1.900 беа повредени. Здравствените власти на Западниот Брег потврдија дека има уште 31 загинат Палестинец од минатиот месец, вкупно 279 на сите палестински територии.
Од друга страна, во ракетите истрелани од Појасот Газа кон Израел животот го изгубија 12 Израелци. Во петокот стапи на сила прекинот на огнот меѓу палестинските групи на отпорот и Израел, постигнат со посредство на Египет, со што се стави крај на 11-дневните израелски напади.
Кудс (Ерусалим) останува во срцето на израелско-палестинскиот конфликт. Палестинците се надеваат дека Источен Кудс - нелегално окупиран од Израел од 1967 година - ќе биде главен град на палестинската држава.