Riyaz Khaliq Khaliq
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Пакистан денес соопшти дека очекува наскоро да биде постигнат договор меѓу САД и Иран, без да прецизира конкретна временска рамка, пренесува Анадолу.
Исламабад би го поздравил постигнувањето договор меѓу Иран и САД, без оглед каде би се случило тоа, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Тахир Андраби, за локалниот весник „Дон“.
„Доколку се постигне договор во Пакистан, за нас тоа би претставувало чест“, изјави тој за новинарите во Исламабад.
Андраби, сепак, одби да ги потврди деталите во врска со евентуалниот договор, во време кога американските медиуми известуваат дека Вашингтон и Техеран се блиску до потпишување меморандум за разбирање што се состои од една страница.
Претходно владини извори од Пакистан за Анадолу изјавија дека очекуваат следната недела да бидат домаќини на втората рунда од прекинатите мировни преговори меѓу САД и Иран, со цел да се стави крај на нивниот конфликт.
Изворите велат дека Исламабад очекува САД и Иран да постигнат првичен договор пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина, која е закажана за крајот на следната недела.
Пакистан беше домаќин на првата рунда преговори помеѓу Вашингтон и Техеран на 11 и 12 април, но не беше постигнат договор за ставање крај на конфликтот.
Преговорите следуваа по двонеделниот прекин на огнот, постигнат со посредство на Пакистан на 8 април, кој подоцна беше продолжен од страна на Трамп.