Ekipa
13 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
ЛОНДОН (АА) - Владејачката Конзервативна партија на Велика Британија соопшти дека осум кандидати поминале низ првиот круг на гласање за лидерската позиција на Конзервативната партија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу кандидатите се поранешниот канцелар Риши Сунак, министерката за меѓународна трговија, Пени Мордоунт, шефот на Изборната комисија за надворешни работи, Том Тугендат, министерката за надворешни работи, Лиз Трас, јавната обвинителка Суела Браверман, поранешниот министер за здравство, Џереми Хант, поранешниот министер за еднаквост, Кеми Баденоч и сегашниот канцелар Надим Захави.
На кандидатите им беше потребна поддршка од 20 пратеници за да го преминат овој круг.
Денеска, во вториот круг, ќе им биде потребна поддршка од 30 пратеници.
Потоа, преостанатите кандидати ќе се соочат со неколку кругови на гласање додека останат само двајца кандидати; процесот може да трае до крајот на наредната недела.
Кога ќе останат само двајца кандидати, 160.000 члена на Конзервативната партија ќе изберат помеѓу нив, а резултатот ќе биде објавен на 5 септември.
Победникот ќе дојде на челото на Конзервативната партија и ќе ја преземе функцијата британски премиер од Борис Џонсон.
Џонсон одби да поддржи некој кандидат, велејќи дека не сака да наштети на ничија шанса.
Главната британска опозициска партија, Лабуристичката партија, се обиде да изнуди гласање за недоверба на Владата откако Џонсон одлучи да остане на функцијата до изборот на нов лидер, наместо веднаш да се повлече.
Владата одби да дозволи гласање, кое можеше да предизвика да се одржат општи избори, велејќи дека Џонсон веќе поднел оставка како лидер на партијата и дека веќе е во тек трката за нов лидер.