Muhammet Kurşun
07 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусеви, реагираше на изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, во врска со отворањето нови преговори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмената изјава објавена на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Иран, портпаролот Мусеви ги критикуваше изјавите на Макрон за нуклеарната спогодба.
Истакнувајќи дека европските страни, освен некои политички изјави и говори, не ги исполниле своите обврски од нуклеарниот договор, Мусеви рече дека и по повлекувањето на САД од договорот, Иран не успеал да извлече некоја корист од тоа.
Изјавите на американскиот претседател, Доналд Трамп, во врска со Иран, искажани на вчерашната средба со Макрон, Мусеви ги опиша како „неосновани, контрадикторни и безвредни“.
„Во овие околности, носењето на други прашања на дневен ред, надвор од нуклеарниот договор, нема да помогне да се заштити договорот. Исто така, ќе придонесе за намалување на довербата кај страните што останаа во нуклеарниот договор. Во таков случај ќе се забрза пропаѓањето на нуклеарниот договор и ќе се реализира целта на САД“, нагласи Мусеви.
Францускиот претседател Макрон вчера се сретна со американскиот претседател Трамп, кој во Франција присуствуваше на церемонијата за одбележување на 75-годишнината од сојузничката инвазија во Нормандија, која има важно значење за спасувањето на Европа од нацистичката окупација.
Макрон, во изјавата за медиумите, пред средбата истакна: „Нашата цел е јасна. Намалување на проектите за балистика и ограничување на влијанието на Иран во регионот. Париз и Вашингтон ја споделуваат заедничката цел за ограничување на влијанието на Иран во регионот. Регионалниот мир е заедничка цел за сите нас. Треба да започнеме со нови преговори. Многу се значајни зборовите што денес ќе ги искаже претседателот Трамп.“
Трамп рече дека не сака Иран да има нуклеарно оружје. „Откако станав претседател, Иран беше, и сè уште е, терористичка земја“, рече американскиот претседате.
Нагласувајќи дека санкциите наметнати врз Иран промениле многу работи, Трамп додаде дека Иран сака да се сретне со него и дека тој е подготвен да го стори тоа.