Safvan Allahverdi
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на ОН, Стефан Дујариќ, изјави дека локалните сили не им дозволуваат на цивилите да го напуштат сирискиот регион Африн, кој веќе шеста година е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи дека ОН немаат директни контакти со локалните власти во Африн, мислејќи на ЈПГ/ПКК, Дујариќ изјави дека од клучна важност е на цивилите да им се дозволи слободно движење во потрага по побезбедно место за живот.
Дујариќ, исто така, изјави дека речиси 5.000 цивили успеале да го напуштат северниот сириски регион.
Потсекретарот на ОН за хуманитарни работи, Марк Лоукок, претходно изјави дека терористите на ЈПГ/ПКК на контролните пунктови ги запираат цивилите и ги спречуваат во обидот за напуштање на Африн.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија (ЕУ). ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.