Bayram Altuğ
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ЖЕНЕВА
Обединетите нации (ОН) соопштија дека за време на руско-украинската војна до вчера 874.000 бегалци од Украина преминале во соседните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) сподели податоци од различни извори за бегалската криза во Украина.
Според тоа, од 24 февруари до 1 март, 874.026 бегалци преминале од Украина во соседните земји.
Од бегалците, 51,9 отсто или 453.982 се засолниле во Полска, во Унгарија ‒ 116.348, во Молдавија ‒ 79.315, во Словачка ‒ 67.000, во Романија ‒ 44.540, во Русија ‒ 42.900, во Белорусија ‒ 341, а во други европски земји се засолниле 69.600 бегалци.
Дополнително на овие бројки, УНХЦР исто така информира дека 96.000 луѓе преминале во Русија од регионите Доњецк и Луганск во периодот од 18 до 23 февруари.
Меѓу другото, УНХЦР предупредува дека ако ситуацијата во Украина дополнително ескалира, земјата може да ја напуштат до 4 милиони цивили.