свет

ОН: Руските платеници малтретираат цивили во Централноафриканската Република

- Експерти на Обединетите нации (ОН) соопштија дека руската група „Вагнер“, која ги зголемила своите активности во африканските земји, ги заплашувала и малтретирала цивилите во Централноафриканската Република

Ömer Faruk Yıldız  | 27.10.2021 - Обновена : 28.10.2021
ОН: Руските платеници малтретираат цивили во Централноафриканската Република

ЖЕНЕВА 

Експерти на Обединетите нации (ОН) соопштија дека руската група „Вагнер“, која ги зголемила своите активности во африканските земји, ги заплашувала и малтретирала цивилите во Централноафриканската Република, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Експертите на ОН со писмено соопштение се осврнаа на извештаи за кршење на човековите права од страна на воените обучувачи на „Вагнер“ во Централноафриканската Република.

Во соопштението се наведува дека постои загриженост поради зголемувањето на информациите дека руските обучувачи ги заплашуваат и малтретираат цивилите, особено новинарите, здравствените работници и малцинските групи.

„Руските обучувачи кои работат како воен и безбедносен персонал, исто така, тесно соработуваат со Армијата и полицијата на Централноафриканската Република и учествуваат во апсењата. Затоа тие што се малтретирани и стравуваат да поднесат жалба“, се вели во соопштението на експертите на ОН.

Исто така, во соопштението се нагласува дека руските платеници кои работат со Армијата на Централноафриканската Република се практично неповредливи во земјата.

„Добивме извештаи за силување и сексуално насилство од страна на „Вагнер“ врз жени, мажи и млади девојки во многу делови од земјата. Точниот број на силуваните не е познат бидејќи жртвите не се осмелуваат да бараат правда“, се додава во соопштението.

Меѓу другото, во соопштението се повикува Владата на Централноафриканската Република да ги прекине врските со сите приватни воени и безбедносни групи, особено со „Вагнер“.

Во веста на медиумите на Централноафриканската Република на 9 септември се истакна дека 40 цивили се убиени во операциите на руските платеници во северозападниот дел на земјата.

- Група „Вагнер“

Групата Вагнер, за која се проценува дека своите активности ги започнала во 2013 година со сириската граѓанска војна, во последните години има зголемено присуство на африканскиот континент.

Се проценува дека работи во девет земји во Африка. „Вагнер“ е најпопуларна во Централноафриканската Република.

Руските платеници, за кои се верува дека има 2.000 во Централноафриканската Република, обучуваат армија и го обезбедуваат претседателот Фаустин-Аршанж Туадер.

Се размислува дека „Вагнер“ ги обезбедува и рудниците за злато и дијаманти во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.