Emre Aytekin
20 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
ПЕКИНГ (АА) ‒ Намалувањето на наталитетот и забавувањето на стапката на раст во Кина во последните години, ќе доведат до намалување на населението во земјата, што ќе почне од следната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот „Очекувањата за светското население 2022“, објавен од Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации, се предвидува дека населението на Кина ќе почне да се намалува од 2023 година.
Се нагласува дека Кина и Индија се двете најнаселени земји во светот со население кое надминува 1,4 милијарди заклучно со 2022 година.
Исто така, се наведува дека со сегашните трендови на наталитет, кинеското население ќе влезе во „процес на апсолутен пад“ од почетокот на 2023 година. Индија со трендот на продолжување на растот на населението, ќе ја помине Кина и ќе стане најнаселената земја во светот.
Според извештајот, населението на Кина во 2022 година брои 1.426.000.000, а ќе се намали на 1.317.000.000 во 2050 година.
Населението на Индија брои 1.412.000.000 жители, а според предвидувањата, ќе се зголеми на 1.668.000.000 во 2050 година.
Меѓу другото, се предвидува дека населението на Кина ќе се намали за речиси половина до крајот на векот, и ќе изнесува 766.000.000 во 2100 година.
Од друга страна, населението на Индија се очекува да достигне околу 1,5 милијарди до крајот на векот.
‒ Стапката на раст на населението во Кина на најниско ниво во последните 60 години ‒
Во Кина, разликата меѓу наталитетот и морталитетот е помала од 1 процент од 1998 година. Со тоа, стапката на раст на населението се намалува.
Во 2021 година, стапката на раст на населението во Кина падна на најниско ниво од периодот на гладот којшто уби 30.000.000 луѓе во раните 1960-ти години.
Според податоците на Националното биро за статистика (NBS), населението во 31 покраина и регион во континентална Кина се зголемило за само 480.000.000 луѓе во 2021 година и достигна околу 1.412.600.000 до крајот на годината.
Стапката на наталитетот изнесува 7,52 новородени на 1.000 лица во население годишно, а стапката на морталитетот, 7,18 смртни случаи на 1.000 лица. Додека стапката на раст на населението изнесува 0,34 смртни случаи на 1.000 лица.
Во 2021 година, во Кина се родени околу 10.620.000 бебиња. Бројот на новороденчиња е намален за 11,5 проценти во однос на 2020 година кога се родени 12.000.000 бебиња.
Стапката на наталитет е најниска стапка забележана во земјата откако се води евиденција.
‒ Огромен пад на работоспособното население ‒
Според податоците на Обединетите нации, работоспособното население во Кина, кое веќе се намалува од 2012 година, ќе претрпи големи загуби до крајот на векот.
Работоспособното население, кое сега изнесува 984.000.000, ќе се намали на 767.000.000 во 2050 година и 378.000.000 во 2100 година.
Во извештајот, меѓу другото, се предвидува дека падот и стареењето на населението ќе ѝ отежнат на Кина да го задржи својот економски раст во следните години.