Cem Genco
14 Април 2021•Ажурирај: 15 Април 2021
ХАТАЈ (АА) - Обединетите нации (ОН) денес испратија 54 камиони со хуманитарна помош во северозападната сириска област Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Камионите поминаа преку Граничниот премин „Џилвеѓозу“ во турската јужна област Хатај, за да влезат во сириската област Идлиб.
Хуманитарната помош ќе им биде поделена на луѓето во Идлиб и во блиските рурални подрачја, кои веќе со години живеат во многу тешки услови.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Според податоците на ОН, стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.
Идлиб спаѓа во деескалационата зона според договорот од 2018 година склучен меѓу Турција и Русија. Подрачјето беше предмет на повеќе спогодби за прекин на огнот, кои често беа прекршувани од страна на режимот на Асад и неговите сојузници.