Behlül Çetinkaya
01 Август 2022•Ажурирај: 02 Август 2022
АНКАРА (АА) - Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Стефан Дужарик, истакна дека генералниот секретар Антонио Гутереш го поздравил отпловувањето на првиот комерцијален брод со жито од украинското пристаниште во Одеса, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Коментирајќи го заминувањето на првиот комерцијален брод Дужарик рече: „Генералниот секретар топло го поздравува тоа што првиот комерцијалниот брод ‘М/В Разони“ го напушти пристаништето во Одеса, Украина, првпат по 26 февруари.“
Наведувајќи дека првиот брод што тргна во рамките на Иницијативата за жито преку Црното Море, потпишана во Истанбул на 22 јули, транспортира 26.527 тони пченка до пристаништето Триполи во Либан, Дужарик нагласи: „Хуманитарен императив е да се осигура дека житото и прехранбените производи ќе се транспортираат до глобалните пазари.“
Тој посочи дека запловувањето на првиот брод е колективно достигнување на Заедничкиот координативен центар, кој вклучува претставници на ОН, Украина, Русија и Турција: „Од формирањето на центарот, со поддршка на ОН, страните неуморно работат за да постигнатите договори со Иницијативата се спроведат во пракса. Генералниот секретар го изрази своето задоволство од овие напори и изрази благодарност до Туркије за покажаното лидерството.“
Наведувајќи дека бродот „Разони“ е прв од бродовите што тргна во согласност со потпишаната иницијатива, Дужарик подвлече:
„Генералниот секретар се надева дека ова ќе ја донесе потребната стабилност и олеснување во глобалната безбедност на храната, особено за хуманитарно најранливите. Во согласност со хуманитарниот дух на Иницијативата, Светската програма за храна (WFP) планира да купи 30.000 тони пченица од Украина, да ја натовари и испорача на брод изнајмен од страна на ОН. Светската програма за храна ќе обезбеди повеќе информации на оваа тема во наредните денови.“