Diyar Güldoğan
15 Мај 2024•Ажурирај: 20 Мај 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, упати повик граничниот премин Рафа веднаш повторно да се отвори за да се овозможи хуманитарната помош да биде достапна за целиот Појас Газа, известува Анадолу.
„Генералниот секретар е запрепастен од ескалацијата на воените дејствија на израелските одбранбени сили во и околу Рафа. Ваквите настани дополнително го отежнуваат пристапот и ја влошуваат и онака страшната ситуација“, објави Стефан Дујарик, портпаролот на генералниот секретар на ОН.
Дујарик нагласи дека цивилите мора да бидат заштитени во секој момент, во Рафа и каде било во Газа.
„Но за луѓето во Газа сега никаде не е безбедно“, додаде тој.
Дујарик го повтори апелот за итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во нападите на Израел врз Појасот Газа убиени се повеќе од 35.180 Палестинци, главно деца и жени, а повеќе од 79.000 се повредени во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства за живот.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување. По повеќе од 7 месеци од почетокот на израелската офанзива огромни делови на Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на палестинската енклава е интерно раселено.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.