Onur Usta
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека нема да дозволи бегалците да се вратат во бегалскиот камп „Џунгла“ во Кале, кој беше отстранет минатата недела, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бегалците нема повторно да се сместат во кампот во Кале. Тој е испразнет и обезбеден. Никој тука не ќе може повторно да се врати“, рече Оланд за францускиот весник „Ла вокс ду норд“.
Оланд говореше за борбата против тероризмот и за зајакнатата контрола на границите, којашто уследи по терористичките напади на 13 ноември 2015 година.
„Благодарение на оваа контрола, одбиени се 49.000 луѓе. Ние ги прифаќаме оние што заслужуваат азил. Оние мигранти што немаат право на азил, треба да бидат вратени во своите земји, што всушност и се применува“, истакна Оланд.
Покрај тоа, тој додаде дека со британската премиерка Тереза Меј имал телефонски разговор во врска со 1.500 деца кои во Кале живеат одделени од своите семејства.