Selen Valente Rasquinho
06 Јуни 2024•Ажурирај: 07 Јуни 2024
БРИСЕЛ (АА) - Гласачите од 27 земји членки на Европската Унија (ЕУ) гласаат овој месец на избори што ќе имаат големо влијание врз целата ЕУ, но и пошироко, јавува Анадолу.
Денес почнаа изборите за Европскиот парламент (ЕП), кои ќе траат четири дена, а Холандија е прва земја каде што гласачите излегоа на гласање. Потоа во наредните денови ќе гласаат гласачите во другите земји на Унијата.
На изборите што се одржуваат десетти пат од 1979 година ќе бидат избрани 720 члена на ЕП, единствено тело во ЕУ чии членови директно ги избираат граѓаните.
Изборите завршуваат вечерта на 9 јуни, кога се затвораат избирачките места во сите 27 земји членки.
Со овие избори гласачите не само што ќе избираат претставници во Европскиот парламент туку и нова администрација што ќе донесува одлуки за нивната иднина во следните пет години.
За околу шест месеци по изборите ќе се формираат Европската комисија, извршно тело на ЕУ, и Европскиот совет, тела што носат важни одлуки за сите граѓани на Унијата.
Првите пет земји со најмногу претставници по број на жители се Германија со 96, Франција 81, Италија 76, Шпанија 61 и Полска со 53.
Потоа следуваат Романија со 33, Холандија 31, Белгија 22, Португалија, Грција, Унгарија, Шведска и Чешка со по 21, Австрија 20, Бугарија 17, Словачка, Данска и Финска со по 15, Ирска 14, Хрватска 12, Литванија 11, Летонија и Словачка девет, Естонија седум, Малта, Луксембург и Кипар со по шест претставници.
На годинашните избори право на глас имаат околу 373 милиони гласачи во земјите на ЕУ.