Emre Aytekin
09 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Американскиот технолошки гигант Google е обвинет дека има дискриминаторски однос кон мажите-белци кои имаат конзервативни гледишта, јавува Anadolu Agency (AA).
Џејмс Дамор, поранешен инженер во Google (Гугл), до Окружниот суд во Санта Клара во сојузната американска држава Калифорнија поднесе тужба за дискриминација против компанијата во која претходно работел, обвинувајќи ја дека е избркан од работа поради своето политичко гледиште.
Дамор изјави дека тужбата ја поднел заедно со уште еден инженер отпуштен од Google, истакнувајќи дека се прави изземање на сите вработени кои имаат поинакви гледишта од либералната идеологија што ја води компанијата. Тој наведе дека се прави дискриминација на сите лица кои имаат конзервативни гледишта, меѓу кои се и оние кои го поддржуваат претседателот Трамп.
Адвокатот на инженерот Дамор, Хармет Дилон, поранешен функционер во Републиканската партија, на прес-конференцијата на неговиот клиент истакна дека во Google (Гугл) и во другите технолошки компании од Силиконската долина, вработените наидуваат на притисоци и закани од страна на раководството и колегите доколку ги искажат своите конзервативни политички гледишта.
Дилон тврди дека технолошките компании со цел да ја зголемат разноликоста меѓу вработените, воведуваат квоти за вработување на жени и претставници на малцинствата, создавајќи дискриминаторска политика врз вработените мажи-белци.
Дамор истакна дека додека работел за Google, подготвил информатор во рамките на компанијата, во кој навел дека вработувањето на жени и припадници на малцинствата во компанијата, како дел од програмата за зголемување на разноликоста во Google, ги 'отуѓува' вработените со конзервативни политички гледишта.
Тој изјави дека информаторот кој го подготви на 10 страници под наслов „Идеолошка ехо соба на Google” во кој вели дека жените не треба да бидат поставувани на високи фунции во компанијата поради „биолошките разлики кои постојат меѓу мажите и жените”, е причината поради која е избркан од работа под образложение дека „на работното место ги заштитува штетните полови стереотипи”.