Esat Fırat
14 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, истакна дека режимот на Тел Авив се договорил со Соединетите Американски Држави (САД) и арапските земји за запирање на Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Нетанјаху се состана со американскиот советник за национална безбедност, Роберт О’Брајан, кој престојува во официјална посета на Израел.
Нетанјаху, на заедничката прес-конференција што ја одржа со О’Брајан во Западен Ерусалим, истакнувајќи дека Иран го загрозува светскиот мир, рече: „Треба сите да се обединиме за да ја спречиме оваа голема закана за мирот во светот.“
Тврдејќи дека Иран ги поддржува терористичките организации во регионот и во светот, Нетанјаху рече:
„Ако Исламската Република Иран не биде спречена денес, таа утре ќе има ракети со нуклеарни боеви глави што можат да бидат насочени кон Европа и Америка и ќе стане глобален тиранин. Значи, сите ќе ги доведе во опасност.“
Нетанјаху, истакнувајќи дека ја цени улогата на Соединетите Американски Држави во нормализирањето на односите на Израел со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Судан и Мароко, нагласи:
„Претседателот Доналд Трамп ја усвои политиката за воведување најтешки санкции наместо да ги разгалува насилниците во Техеран. Оваа политика доби огромна поддршка на Блискиот Исток. Израелците и Арапите го ценеа Трамп кога се повлече од најлошиот нуклеарен договор со Иран. Сега, Израел се согласи со САД и арапските земји да го запрат Иран. О’Брајан, мислам дека и ти го одобруваш тоа.“
Од друга страна, американскиот советник за национална безбедност, О’Брајан, му честиташе на Нетанјаху за храбриот чекор што го направи Израел за нормализирање на односите со 4 арапски земји (ОАЕ, Бахреин, Судан и Мароко).
О’Брајан, подвлекувајќи ја важноста на договорот на Израел со арапските земји, рече: „Сите склучени договори беа многу важни. Но, никој од нив не беше толку голем како тој со Мароко, што има историски врски со еврејскиот народ.“