Ekipa
26 Ноември 2017•Ажурирај: 27 Ноември 2017
КАТМАНДУ (АА) - Соочени со студеното време и заканата од насилства, гласачите на Непал во северните хималајски подрачја денес излегоа на гласање на генералните избори кои се одржуваат првпат по завршувањето на граѓанската војна и укинувањето на монархијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласањето по првпат се одржа во рамките на новиот Устав усвоен од страна на Парламентот пред две години, како дел од договорот по завршувањето на војната во која загинаа 16.000 лица.
Пред одржувањето на изборите се случија неколку експлозии при што демонстрантите против изборите ги напаѓаа кандидатите.
Се смета дека Комунистичката парија на Непал, маоистичка група која се подели од главната партија во 2014 година, стои зад нападите. Полицијата уапси над 500 членови на таа партија.
Гласачите во оддалечените северни области како што е подрачјето Долпа во северозападниот дел на земјата беа погодени поради тешкиот зимски студ во хималајскиот регион.
Тоја Нат Гутам, 56-годишен гласач во источното непалско населено место Шадананда, изјави дека очекува избраните официјални лица да работат на изградбата на инфраструктурата, како што се патиштата и мостовите во неговата област.
„Постои голема возбуда меѓу гласачите“, рече тој за АА.
Илјадници кандидати од над 90 партии се натпреваруваат за 275 места во новиот федерален Парламент и 550 места во седум покраински собранија ширум земјата.
Се очекува тесна борба меѓу владејачкиот Непалски Конгрес и сојузот на Обединетите Марксисти-Ленинисти (UML) и поранешните бунтовни Маоисти. Според изборната комисија, пребројувањето на гласовите ќе започне по втората фаза на изборите на 7 декември, во главниот град Катманду и јужните висорамнини кои се граничат со Индија.