свет

Независноста на Шкотска би била „победа“ за Путин, тврди британскиот министер Полард

„Она од што Путин најмногу стравува од Велика Британија е нашата нуклеарна моќ на одвраќање. Па зошто да му дадеме аргумент кој би бил негова победа? Тоа би значело губење работни места и послаба национална безбедност“

Aysu Biçer  | 22.10.2025 - Обновена : 23.10.2025
Независноста на Шкотска би била „победа“ за Путин, тврди британскиот министер Полард

ЛОНДОН (АА) – Независноста на Шкотска би му одговарала на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи би ги ослабела одбранбените капацитети на Велика Британија, изјави британскиот министер за набавка во одбраната Лук Полард, пренесе шкотскиот дневен весник „Нешнал“, пренесува Анадолу.

Весникот пренесе дека Полард, кој разговарал со шкотските новинари во Лондон, предупредил дека планот на Владата во Единбург за отстранување на нуклеарното оружје од територијата на независна Шкотска би можел да ја загрози безбедноста на Обединетото Кралство.

„Она од што Путин најмногу стравува од Велика Британија е нашата нуклеарна моќ на одвраќање. Па зошто да му дадеме аргумент кој би бил негова победа? Тоа би значело губење работни места и послаба национална безбедност“, изјави Полард.

„Доколку седев во Кремљ и ја гледав нацијата што е на чело на поддршката за Украина и балтичките држави, и постоеше начин да се ослабат нејзините одбранбени капацитети, тоа би го сметал за победа“.

Пратеникот од Шкотската национална партија (SNP), Дејв Дуган, ги нарече изјавите на Полард „навистина недолични“ и го обвини дека ја експлоатира војната во Украина за политички цели.

„Последователните влади во Вестминстер трошат милијарди на нуклеарно вооружување, додека ги кратат бројките на конвенционалните сили“, рече Дуган.

„Токму конвенционалните сили се тие што ќе нè заштитат од современите закани – не оружјето за масовно уништување распоредено на Клајд.“

Тој додаде дека независна Шкотска би можела да има силна улога во НАТО, слично на невооружените членки како Норвешка и Данска.

Полард, пак, ја критикуваше шкотската Влада поради, како што рече, „недоволната посветеност“ на одбранбениот сектор.

„Ова се добро платени работни места. Изненадувачки е што не гледаме поголема поддршка од страна на шкотската Влада за можностите околу Росаит и Клајд“, додаде тој.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.