Mohamed Majed,Gülşen Topçu
20 Април 2024•Ажурирај: 22 Април 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 8 Палестинци се убиени во израелски напад на различни точки во Рафа, на југот од Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите добиени од здравствени извори, и покрај сите предупредувања на меѓународната заедница, израелската војска бомбардираше куќи во источниот и западниот дел на Рафа.
Во нападот на источниот дел на Рафа убиена е една Палестинка, а некои се повредени, но не е наведен бројот на повредени.
Седум Палестинци се убиени во бомбардирањето на западниот дел на Рафа, во кое се повредени и голем број лица, меѓу кои има и деца.
Во тек е извлекувањето на мртвите под урнатините, но се стравува дека може да се зголеми бројката на загинати.
Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел, кој повеќепати го повторуваше своето одобрување на планот за напад на Рафа, во својата изјава дадена на 8 април рече дека е одреден датумот за напад.
Од друга страна, израелската државна телевизија КАН на 14 април објави веста во која се наведе дека е одложен планот на Нетанјаху да ја нападне Рафа, чиј датум претходно беше објавен.
Во веста се тврдеше дека Израел планирал во рок од две недели да постави 10.000 шатори во близина на Рафа за да ги отстрани оние кои се засолниле во регионот пред копнената инвазија.