Mehmet Emin Gürbüz,Zafer Göder
21 Јануари 2025•Ажурирај: 22 Јануари 2025
БОЛУ (АА) - Најмалку 66 лица загинаа, а 51 се повредени во пожарот што изби во хотел во ски-центарот Карталкаја, во северна Туркије, потврди турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, јавува Анадолу.
Од 51 повредено лице, едно е во критична состојба и моментално е згрижено на одделението за интензивна нега, потврди министерот за здравство Кемал Мемишоглу, наведувајќи дека 17 лица се пуштени од болница по укажаната лекарска помош.
Пожар рано утринава зафати хотел во одморалиштето Карталкаја во турскиот град Болу, по што на местото на настанот беа испратени бројни екипи за итна помош од соседните градови, вклучително и пожарникари, единици за одговор при катастрофи и медицински тимови поддржани од хеликоптери.
Надлежните евакуираа околу 230 гости од хотелот и продолжуваат напорите за гаснење на пожарот.
Поведена е истрага за причините за пожарот.
Карталкаја во областа Болу е една од главните дестинации за зимски туризам во Туркије, која привлекува илјадници посетители во скијачката сезона. Одморалиштето се наоѓа на околу 295 километри источно од Истанбул.