Ahmed Asmar
08 Август 2024•Ажурирај: 10 Август 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 12 лица, меѓу кои и деца, загинаа денес во израелскиот воздушен напад врз централниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти, јавува Анадолу.
Очевидци изјавија дека борбен авион истрелал неколку проектили во куќа во бегалскиот камп Бурејџ, при што загинаа повеќе Палестинци.
Преку соопштение болницата Ал-Авда истакна дека телата на 12 жртви биле пренесени во медицинската установа.
Очевидци изјавија дека меѓу жртвите има и неколку деца, но не наведуваат точен број.
По нападот пријавена е огромна штета во подрачјето каде што спасувачите продолжија да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот во октомври минатата година од страна на палестинската група на отпорот Хамас.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 39.700 Палестинци, главно жени и деца, а над 91.700 се повредени.
Повеќе од 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини и постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.