свет

НАТО: „Русија мора да стави крај на военото натрупување на границата со Украина"

„Руското воено натрупување е нелегитимно, необјасниво и длабоко загрижувачко. Русија мора веднаш да го прекине ова натрупување во и околу Украина, да ги прекине провокациите и да ја намали напнатоста“, нагласи Столтенберг.

Ömer Tuğrul Çam  | 13.04.2021 - Обновена : 14.04.2021
НАТО: „Русија мора да стави крај на военото натрупување на границата со Украина"

БРИСЕЛ 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Русија треба веднаш да го прекине военото натрупување во и на нејзината граница со Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, го посети седиштето на НАТО во Брисел и се состана со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Говорејќи на прес-конференцијата одржана по состанокот, Столтенберг рече дека Русија испратила илјадници војници подготвени за борба на украинската граница во последните неколку дена и дека со загриженост ја следи ситуацијата.

Столтенберг, истакнувајќи дека ова е најголемото натрупување на војска од илегалното припојување на Крим кон Русија во 2014 година, рече дека многу украински војници ги загубиле животите во судирите на истокот на Украина во последните неколку дена.

„Руското воено натрупување е нелегитимно, необјасниво и длабоко загрижувачко. Русија мора веднаш да го прекине ова натрупување во и околу Украина, да ги прекине провокациите и да ја намали напнатоста“, нагласи Столтенберг.

Повикувајќи ја Русија да ги почитува меѓународните одговорности, Столтенберг додаде: „Поддршката на НАТО за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина е непоколеблива. Ние нема да прифатиме нелегитимна и незаконска анексија на Крим од страна на Русија.“

Столтенберг, упатувајќи барање до Русија да не ги поддржува проруските сили во источна Украина, рече: „НАТО продолжува да стои покрај Украина.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.