Ömer Tuğrul Çam
23 Јуни 2022•Ажурирај: 24 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во врска со апликациите на Шведска и Финска за членство во НАТО изјави дека загриженоста на Туркије (Турција) е легитимна и дека тие работат на нејзино отстранување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг во седиштето на НАТО се сретна со чешкиот премиер Петр Фиал, по што даде изјава за медиумите.
Тој рече дека барањата за членство на Финска и Шведска ќе биде една од темите на кои ќе се разговара на Самитот на НАТО во Мадрид од 28 до 30 јуни. Тој ги окарактеризира овие барања како историски.
Нагласи дека се разгледуваат безбедносните грижи на сите членки и дека сакаат да се постигне напредок во пристапниот процес.
„Турција има легитимни безбедносни грижи. Работиме заедно со Финска и Шведска да ги елиминираме“, нагласи Столтенберг.
Тој се осврна и на други теми на кои ќе се разговара на Самитот, вклучително и помош за Украина, трошоците на НАТО и поделбата на товарот, а на лидерите се очекува да им се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.