Selen Temizer,Muhammed Shekh Yusuf,Mohamad Misto
21 Ноември 2017•Ажурирај: 21 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Дипломатскиот процес за изнаоѓање политичко решение за војната што во Сирија трае веќе седум години, добива сѐ поголем замав. Преговорите во Женева сѐ уште не дадоа конкретни резултати, па поради тоа сите очи се вперени кон утрешниот самит на Турција, Русија и Иран во Сочи.
Оваа година, во Женева, претставниците на многу земји, меѓу останатото, САД, Турција, Русија и Иран, како и режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и опозицијата се состанаа четирипати, јавува Anadolu Agency (AA).
Осмиот круг од преговорите во Женева е закажан за 28 ноември. Извори од ОН истакнуваат дека фокусот ќе биде насочен кон подготовка на нацрт-уставот и на борбата против тероризмот.

Интензивирањето на опсадата во Источна Гута, но и режимските напади предизвикаа остри реакции на опозицијата. Имено, опозицијата ги критикува САД и другите земји на Западот дека не посветиле доволно внимание на процесот во Женева.
На самитот за Сирија, кој ќе биде одржан во Сочи, планирано е да присуствуваат рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и иранскиот претседател Хасан Рухани.
Изминатиот викенд, министрите за надворешни работи на земјите-гаранти во Анталија ги завршија подготовките за самитот.
Новинар на АА од извор што ќе учествува на состаноците во Сочи, дознава дека се планира да биде објавена заедничка декларација.
На самитот би требало да се разговара и за подготовките на состанокот кој на иницијатива на Русија би требало да се одржи на 3 декември, а кој поради приговори на припадниците на режимот на Асад, е преименуван од „Конгрес на народот на Сирија“ во „Конгрес на национален дијалог на Сирија“.
Турција се противи на присуството на припадниците на терористичката организација ПКК/ПЈД на состанокот.
Земјите-гаранти треба да донесат заедничка одлука за учесниците на состанокот.
Времето на одржување на состанокот во Сочи би можело делумно да се совпадне со терминот на одржување на преговорите во Женева, кои би требало да започнат на 28 ноември.