Aliia Raimbekova
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
АСТАНА (АА) - Претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбајев, потпиша указ со кој ги укинува сопствените овластувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Назарбајев, во своето обраќање до народот преку националната телевизија, истакна дека денешното обраќање е особено, бидејќи донел, како што изјави, една тешка одлука за него: „Донесов одлука да ги прекинам моите овластувања како претседател.“
Претседателот Назарбајев рече дека до истекот на претседателскиот мандат, функцијата претседател на Казахстан му ја префрлил на претседателот на Сенатот, Касим Џомарт Токајев, додавајќи дека свечената заклетва на новиот претседател на државата ќе биде извршена утре во Парламентот.
По завршувањето на своето обраќање, Назарбајев го потпиша указот со кој, почнувајќи од 20 март, престануваат неговите претседателски функции.
Токајев, кој утре во Парламентот ќе положи заклетва на позицијата претседател на Казахстан, оваа функција ќе ја извршува до 2020 година.
Нурсултан Назарбајев е роден на 6 јуни 1940 година во местото Каскелен, Казахстан. Во 1989 година е избран за прв секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Казахстан, а на 1 декември 1991 година, со освоени 98,7 отсто од гласовите е избран за претседател на Казахстан.
Мандатот на Назарбајев требаше да заврши во 2020 година.
Нурсултан Назарбајев со Казахстан раководеше 30 години.