Davut Çolak
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
КОПЕНХАГЕН (АА) - На осумдесет и тригодишниот дански принц Хенрик му е дијагностицирана деменција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на службата на кралскиот кабинет за односи со медиумите, објавено во име на кралицата Маргарет Втора, се наведува дека на принцот Хенрик му е дијагностицирана деменција.
„По долгите истражувања и серијата прегледи минатото лето, извршени од страна на специјалистите на кралската болница 'Rigshospitalet', на неговото височество принцот Хенрик му е дијагностицирана деменција“, се вели во соопштението.
Исто така, се истакнува дека е забележано оштетување на когнитивната функција на принцот Хенрик, и се вели: „Според кралската болница, оштетувањето на когнитивната функција на принцот е во полоша состојба од очекуваното во однос на неговата возраст. Тоа може да предизвика промена во неговото однесување, реакциите, здравиот разум, како и во емоционалниот живот, и може да влијае и врз односите со надворешниот свет. Принцот по оваа дијагноза ќе ги намали активностите на кралското семејство во иднина“.
- Не сака да биде погребан до неговата сопруга -
Конт Анри Мари Жан Андре е роден во Франција. Во 1967 година се ожени за данската кралица Маргарет Втора.
Маргарет Втора во 1972 година седна на престолот, но принцот Хенрик не ја доби кралската титула. Тој често изразуваше незадоволство поради тоа што според протоколот на палатата се наоѓа зад неговите синови, принцот Хенрик и принцот Јоаким.
Принцот Хенрик е вознемирен од фактот што му е дадена титулата принц наместо крал. Тој во изјава за медиумите се жалел за тоа што не е еднаков со својата сопруга, и истакнал дека поради тоа не сака да биде погребан до неа, а неговите изјави наидоа на реакции. Принцот Хенрик ја обвинува кралицата Маргарет за тоа што не му е дадена вистинската титула.
Хенрик и Маргарет имаат две деца и осум внуци.