Cüneyt Karadağ
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
БЕРЛИН
Детлеф Шеле, шефот на германската Федерална агенција за вработување (BA), рече дека неговата земја има потреба од 400.000 имигранти секоја година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за „Зиддојче цајтунг“, Шеле, посочувајќи дека потребата за квалификуван персонал на германскиот пазар на работа се чувствува сè повеќе и повеќе секој ден, рече:
„Потребни ни се 400 илјади имигранти годишно. Во споредба со претходните години, оваа бројка е многу поголема. Во областа на нега на стари лица или болни, ни требаат техничари за климатизација, логистички експерти и академици.“
Шеле, истакнувајќи дека прашањето за работната сила од имигранти не треба да се меша со барателите на азил, рече: „Тоа е хуманитарно прашање. Ако бегалците од Авганистан тргнат на пат, Германија треба да ги исполни своите обврски и да ги прифати. Но, за мене е важно да ги пополнам празнините на пазарот на трудот.“
- „Работната сила во Германија е исцрпена“
Во врска со тврдењето дека „прашањето за бегалците ги зајакнува екстремно десничарските партии во Германија“, Шеле рече:
„Можете да застанете на нозе и да кажете, ние не сакаме странци. Но, тоа не функционира така. Како што реков, едното е хуманитарно, а другото прашање на пазарот на трудот. Двете не треба да се мешаат. Вистината е дека работната сила во Германија е исцрпена, но овој јаз делумно може да се пополни со тие лица што ќе добијат азил. Во бегалскиот бран во 2015 година, имаше и многу квалификувани луѓе и многу луѓе со високообразовни цели. Мислам дека луѓето не ја напуштаат својата земја за да живеат во центри за бегалци.“
Истакнувајќи дека бројот на потенцијални вработени годинава ќе се намали за приближно 150.000 поради демографските случувања, Шеле предупреди дека „ова може да стане многу подраматично во наредните години“.