Sinan Doğan
16 Декември 2022•Ажурирај: 19 Декември 2022
БОГОТА (АА) - На протестите кои започнаа откако на 7 декември Конгресот го разреши претседателот Педро Кастиљо од должноста, по што беше притворен, бројот на загинати изнесува 18 лица, а 426 се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите кои излегоа на улиците во главниот град Лима и во градовите Апуримац, Анкаш, Ајакучо, Кахамарка, Куско, Мокегуа, Пуно и Сан, се судрија со полицијата.
Досега во протестите против Конгресот и Владата животот го загубија 18 лица.
Канцеларијата на Народниот правобранител соопшти дека во судирот меѓу безбедносните сили и демонстрантите повредени се 426 лица, од кои 216 полицајци и 210 цивили.
Во градовите Ајакучо и Апуримак, каде што протестите беа најинтензивни, животот го загубија 13 лица.
Националниот координатор за човекови права (CNDDHH) на својот профил на социјалната мрежа Твитер, изразувајќи реакција на однесувањето на власта, го напиша следното: „Бараме да се истражат настаните во Ајакучо и да се казнат сторителите, за да нема повеќе смртни случаи. Бараме прекин на воената интервенција. За овие злосторства се одговорни највисоките политички власти во земјата.“
- Демонстрантите бараат ослободување на поранешниот претседател Кастиљо -
По прогласувањето вонредна состојба во целата земја, илјадници војници кои се дел од вооружените сили, беа распоредени во центарот на Лима.
Демонстрантите бараат оставка од Дина Болуарте, новата претседателка на земјата и ослободување на приведениот Кастиљо, затворање на Конгресот и итно утврдување на изборниот календар.
- Нови избори во декември 2023 година -
На настаните во Перу се огласи и новоизбраната претседателка Болуарте: „Ви се обраќам како мајка и како прва жена претседател на Републиката и уште еднаш ја потврдувам мојата посветеност да работам за безбедноста на државата, и покрај неодамнешните настани во кои лица преправени во демонстранти, насилнички се обидуваа да ја загрозат безбедноста на нашата земја.“
По консултации со Националната изборна комисија, претседателката Болуарте вчера најави дека новиот датум за општите избори би можел да биде декември 2023 година.
Владата на 14 декември прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена низ целата земја поради насилствата и протестите.
Од друга страна, претседателката Болуарте на 14 декември ги повика на дијалог демонстрантите кои од неа бараат да поднесе оставка.
- Разрешувањето на Кастиљо -
Поранешниот перуански претседател Кастиљо, отакако го обвини Конгресот за соборување на Владата, беше отповикан од него под обвинение за „трајна морална неспособност“.
Одлуката за смена на Кастиљо од функцијата беше донесена на пленарната седница на Конгресот на 7 декември, со 101 глас „за“, 6 „против“ и 10 „воздржани“.
Како причина за разрешувањето, Конгресот наведе дека Кастиљо извршил „обид за узурпирање јавни функции, попречување на функционирањето на државните овластувања и кршење на уставниот поредок“.
Педро Кастиљо беше приведен откако издаде одлука за распуштање на Конгресот и формирање национална влада за вонредни состојби.
- Предлог за предвремени избори -
По разрешувањето на Кастиљо, потпретседателката Болуарте на 8 декември положи заклетва и стана нов претседател на Перу.
На 11 декември Болуарте изјави дека настанатиот политички конфликт не е здрав за земјата и додаде: „За неколку дена на Конгресот ќе му предложам одржување предвремени избори. Како претседател, моја должност е да ја почитувам волјата на мнозинството.“
Обединетите нации (ОН), во своето соопштение објавено на 12 декември наведоа дека е зголемено насилството на тековните антивладини протести во Перу и дека се загрижени од можно влошување на ситуацијата.