свет

Мјанмар: Новинарка поради рамазанскиот пост ставена во затворска самица

Адвокатката на одбраната соопшти дека новинарката Нвеј пости во текот на Рамазан, што властите погрешно го сфатиле дека се работи за протест со глад и затоа ја преместиле во самица

Ömer Faruk Yıldız  | 07.05.2021 - Обновена : 10.05.2021
Мјанмар: Новинарка поради рамазанскиот пост ставена во затворска самица

КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Новинарката на порталот „Мјанмар нау“ (Myanmar Now), Кеј Зон Нвеј, беше уапсена во февруари додека известуваше за протестите против пучот во Мјанмар, а воената хунта поради постот по повод Рамазан ја заклучи во самица, јавува Агенција Анадолија (АА).

Адвокатката на одбраната, Нилар Кине, соопшти дека нејзината клиентка за време на вчерашното рочиште ѝ кажала дека во самица е од 28 април.

Таа рече дека новинарката Нвеј пости во текот на Рамазан, што властите погрешно го сфатиле дека се работи за протест со глад и затоа ја преместиле во самица.

„Нвеј за време на престојот во затвор не изразила никаков протест. Само го практикува рамазанскиот пост. Таа без причина се наоѓа во самица“, рече Кине, и додаде дека до Воениот суд испратила барање за пуштање на нејзината клиентка од самица.

Армијата на Мјанмар на 1 февруари оваа година изврши државен удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека изборите во ноември минатата година биле нерегуларни.

Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, меѓу кои и лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи.

На 6 февруари започнаа масовни протести против воениот удар. Во интервенциите на војската животот го загубија над 770 демонстранти, а неколку илјади се уапсени. Според податоците на Здружението за помош на политички затвореници (AAPP), во текот на антипучистичките протести во Мјанмар уапсени се и најмалку 48 новинари.

Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Велика Британија најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.