Elena Teslova
27 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
МОСКВА (АА) - Русија вчера ја критикуваше дискриминаторската иницијатива на Летонија за забрана на рускиот јазик на работните места, наведувајќи дека поранешната членка на Советскиот Сојуз спроведува понижување на етничките малцинства во државната политика, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека нацрт-законот што е во подготовка во врска со забраната е во спротивност со меѓународните правила.
„Ваков апсурд, дискриминаторски иницијативи кои посегнуваат во интересите на околу половината од населението на Летонија и кои се во спротивност со бројните препораки на релевантните меѓународни структури, одамна се практика на срам“, рече Захарова.
Таа посочи дека „во таа балтичка земја, јазичниот геноцид и понижувањето на етничките малцинства, кои претставниците на летонските власти ги сметаат за луѓе од втор ред, издигнати се на ранг на државна политика“.
„За жал, европските ‘демократски структури’ срамно молчат“, додаде Захарова.
Рускиот јазик има статус на странски јазик во Летонија, земја што се граничи со Русија, а го зборуваат околу 40 % од 1,9 милиони жители.
Летонија е членка на Европската Унија и НАТО и ја осуди војната на Русија врз Украина, што почна во февруари.
Со цел дистанцирање од Русија и нејзиното минато, во Летонија со години наназад урнати се низа советски споменици, од кои како последен, во главниот град Рига, е урнат бетонскиот обелиск, централниот дел од споменикот подигнат во знак на сеќавање на победата на Црвената армија над нацистичка Германија.