Mahmut Geldi
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
КАИРО (AA) - Високиот комесар на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини изјави дека ЕУ не дала, ниту ќе даде поддршка за вооружување на која било страна во Либија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во престолнината на Египет, во Каиро се одржа министерски состанок на членките на ЕУ и Арапската лига, а по состанокот е организирана заедничка прес-конференција, на која пред новинарите се обратија комесарката Могерини, генералниот секретар на Арапската лига, Ахмет Абу Гајт и министерот за надворешни работи на Тунис, Хамис ал-Џихинави.
Могерини рече дека состанокот во седиштето на Арапската лига бил конструктивен и дека се разговарало за кризите во Сирија, Либија и во Јемен.
„ЕУ не дава помош во наоружување ниту на една од спротивставените страни во Либија. На Либија не ѝ е потребна финансиска помош, туку потребно е да работи на обединување на страните во таа земја“, рече Могерини.
Могерини укажа на неодамнешните терористички напади во Египет, Јордан, Турција и во Германија, и рече деке Европа и Блискиот Исток се соочени со исти закани.
Таа исто така додаде дека за ефикасна борба против тероризмот е неопходно да се соработува за воспоставување еднаквост, развој на образованието и поинтензивна работа со младата популација.
Генералниот секретар на Арапската лига, Абу Гајт рече дека состанокот бил добра можност за ревидирање на односите и на соработката меѓу Европа и арапскиот свет.
Абу Гајт рече дека е направен заеднички план за ширење добри општествени и економски односи.
Шефот на туниската дипломатија, Џихинави рече дека состанокот на министрите на Европската Унија и Арапската лига е голем исчекор кон заедничко делување во наредниот период, а дека состанокот е организиран на основа на одлуките донесени на последниот самит на лидерите на Арапската лига.