Министрите на ЕУ се собраа во Брисел за притисок за построги мерки кон Унгарија за „кршење на владеењето на правото“
„Подготвени сме да ги искористиме сите неопходни алатки во однос на Унгарија. Не гледаме напредок, напротив, гледаме назадување кога станува збор за фундаменталните вредности и права...“
ИСТАНБУЛ (АА) - Министрите за прашања на Европската Унија (ЕУ) денес се состанаа во Брисел на сослушување за состојбата во демократијата и владеењето на правото во Унгарија, додека се зголемува притисокот да ѝ се ускрати правото на глас на Будимпешта во рамките на ЕУ, јавува Анадолу.
„Длабоко сме загрижени“, изјави шведската министерка за ЕУ-прашања, Џесика Розенкранц, на отворањето на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, нагласувајќи ја репресијата врз граѓанското општество во Унгарија.
„Веќе седум години водиме сослушувања, ова е веќе осмо. Ова не може да продолжи ако не видиме целосно нов однос од унгарска страна“, рече таа, повикувајќи ја Европската комисија целосно да го искористи „комплетот алатки“ на ЕУ за владеење на правото.
Министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере, ја повтори потребата од порешителни чекори.
„Подготвени сме да ги искористиме сите неопходни алатки во однос на Унгарија. Не гледаме напредок, напротив, гледаме назадување кога станува збор за фундаменталните вредности и права, и ние мора да ги браниме тие вредности, затоа што на нив е заснована ЕУ“, порача таа.
Еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачи, Мајкл Мекграт, потврди дека Комисијата е „многу сериозно загрижена“ за насоката во која се движи Унгарија.
„Во март бев во Будимпешта и слушнав многу загрижувачки сведоштва од граѓанските организации и медиумите за намалувањето на просторот за нивна работа“, рече Мекграт.
Тој потсети дека кога станува збор за средствата од Фондот за закрепнување и отпорност, околу 18 милијарди евра во моментов не се достапни за Унгарија токму поради нарушувањата на владеењето на правото.
Процедурата според член 7 против Унгарија започна во 2018 година, откако Европскиот парламент повика на акција поради наводните прекршувања на владеењето на правото, особено во врска со судството и медиумската слобода.
Оттогаш досега се одржани седум сослушувања, а сега и осмото, но земјите членки сè уште не преминале во втората фаза, која би можела да доведе до санкции, како што е одземањето на правото на глас на Унгарија – често нарекувано „нуклеарна опција“.
За таквите санкции потребна е едногласна поддршка од сите земји членки, со исклучок на таа кон која е насочена процедурата, додека за формално предупредување потребна е поддршка од 80 отсто од државите.
Унгарија повеќепати ја осудуваше процедурата, нарекувајќи ја политички напад, и бараше промени во рамката за санкции на ЕУ.
Претходно и Полска беше предмет на процедурата според член 7, но по промената на власта и проевропската ориентација на новата Влада на премиерот Доналд Туск, контроверзните реформи во правосудството беа укинати, по што процедурата беше затворена.
