Erbil Başay
15 Јуни 2017•Ажурирај: 16 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) – Германската канцеларка Ангела Меркел, во врска со излегувањето на Велика Британија од Европската Унија (Брегзит), рече дека претпоставува оти преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија ќе започнат на закажаниот датум, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел даде изјава во гратчето Месеберг, во покраината Бранденбург, потсетувајќи на зборовите на британската премиерка Тереза Меј, дека ќе се придржуваат до датумот за преговорите, и истакна дека ЕУ е подготвена за преговори.
„Претпоставувам дека ќе ги одржиме преговорите“, изјави Меркел и додаде дека ќе продолжат со нивниот пријателски став, но, како што рече таа, ќе се зајакнува заедништвото на другите 27 земји во ЕУ, и ќе се штитат интересите на овие земји
- „Вратата на ЕУ е секогаш отворена за Британија“
Од друга страна, германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, во врска со шпекулациите истакна: „Вратата на ЕУ е секогаш отворена“.
Тој нагласи дека британскиот Парламент и народот ќе одлучат за повторното отворање на вратата на ЕУ, како и дека во интерес на сите е Британија да биде колку што е можно поблиску до Унијата, бидејќи во надворешната политика и безбедноста, таа е неопходна за Европа.
Исто така, претседателот на Франција, Емануел Макрон, претходно истакна дека „вратата сѐ уште е отворена за Обединетото Кралство да остане во ЕУ“.
Велика Британија, по нејзиното 44-годишно членство, во март официјално го започна процесот Брегзит. Се претпоставува дека преговорите ќе започнат на 19 јуни.