Elena Teslova
03 Февруари 2023•Ажурирај: 04 Февруари 2023
МОСКВА (АА) - Дмитриј Медведев, заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, денеска ги нарече „лаги“ ветувањата на Европската Унија (ЕУ) за „брзо закрепнување“ на економијата на Украина, пренесува Анадолу.
По повод почетокот на Самитот ЕУ - Украина, поранешниот руски премиер во објава на Телеграм го наведе истражувањето на „Голдман Сакс“, според кое Украина изгубила територии кои обезбедуваат 40 отсто од нејзиниот индустриски потенцијал и 15 отсто од БДП.
Додаде дека Киев изгубил пристап до природните ресурси со проценета вредност од 12 билиони долари, до 62 отсто од ресурсите на јаглен и 42 отсто на метали.
„Производството на жито отпадна од 32,5 милиони во 2021 година на 19,4 милиони во 2022 година, додека користењето на рутите преку Полска и Романија доведе до зголемување на транспортните трошоци два до трипати“, рече Медведев.
Истакна дека БДП на Украина се намалил за 30 - 36 отсто, а општите загуби достигнале 830 - 850 милијарди долари.
Медведев додаде дека додека руската „специјална воена операција“ продолжува, БДП на Украина може да падне за уште 5 - 10 отсто.
Тој ги критикуваше украинските власти, велејќи дека „плаќаат за членство во ЕУ и НАТО со животот на своите граѓани“, а на државата ѝ наметнуваат „тешки воени трошоци“, надевајќи се дека „Западот ќе им даде пари“.
Медведев обвини дека украинското раководство профитира од финансиската помош на Западот: „Колку е поголема поддршката, толку повеќе ќе крадат.“
Тој рече дека Украина залудно се надева дека „западниот доктор“ ќе ја излекува нејзината економија, „но, Западот не е љубезен доктор, туку озлогласениот доктор убиец Менгеле“, мислејќи на нацистичкиот лекар Јозеф Менгеле кој вршел смртоносни експерименти врз затвореници.
Според Медведев, Украина „е осудена на тажната судбина“ на поранешните колонии на Западот.
Нагласи дека „садистичкото третирање“ на украинската економија ќе продолжи постепено; прво, ампутација на индустријата и земјоделството, а потоа парализа на економијата во целина.